Тип на кожа и знаци на стареење на кожата

Во овој текст ќе се обидеме да дадеме одговор на прашањето кој тип на кожа старее побрзо. И дали навистина постојат научни докази на кои се темелат ваквите тврдења.

Стареењето на кожата развива неколку знаци:

  • Истенчување на кожата
  • Брчки
  • Сончеви дамки (кафеави дамки после изложување на сонце)
  • Неизедначен тен на кожата
  • Опуштеност на кожата

Многу мал број на студии разгледувале колку брзо се појавуваат овие знаци на стареење кај различен тип на кожа. Само три студии суштински го анализирале ова прашање. И се чини сите укажуваат на фактот дека стареење на сувата кожа е побрзо отколку стареењето на масната, кожа склона кон акни.

Студии кои покажуваат дека сувата кожа може да старее побрзо од масната кожа

Студија # 1: Сувата кожа може да се истенчи побрзо од масната

Во оваа студија, истражувачите разгледувале стареење на кожата кај 60 жени на возраст помеѓу 39 и 55 години. Тие ги поделиле жените во две групи според типот на кожата: Група 1 за сува или нормална кожа и Група 2 за масна кожа. Научниците потоа направиле различни мерења на женската кожа во двете групи. И истите ги споредиле.

Истражувачите откриле неколку разлики. Но кога станува збор за стареењето, најважната разлика е во тоа што жените во групата 1 имале потенка кожа во споредба со жените во групата 2. Како што претходно напоменавме, истенчувањето на кожата е еден од знаците на стареење на кожата. Со други зборови, жените со сува или нормална кожа имале потенка кожа. А заради тоа и веројатно кожа со постар изглед отколку жените со масна кожа.

Ова е добра вест за луѓето склони кон акни, чија кожа има тенденција да биде масна. Овие резултати сугерираат дека кожата склона кон акни може да се истенчува побавно. И на тој начин да изгледа младешки подолго време, за разлика од сувата кожа.

Од друга страна, истражувачите не откриле никакви разлики во брчките помеѓу двете групи. Со други зборови, кога станува збор за брчки, луѓето со сува / нормална кожа и луѓето со масна кожа ги развиле овие знаци на стареење приближно со иста брзина.

Студија # 2: Сувата кожа може да развие подлабоки брчки отколку масната

Во оваа студија, истражувачите сакале да видат дали поголемиот број на лојни жлезди во кожата (жлездите кои произведуваат себум) го забавува развојот на брчките. Ако е така, ова би сугерирало дека сувата кожа треба да развие брчки побрзо од масната.

За да одговорат на ова прашање, научниците анализирале примероци на кожа од мажи и жени кои починале на различна возраст, од дваесетина до деведесетина години.

Истражувачите го измериле бројот на лојни жлезди во кожата на земените примероци, а исто така ја разгледале длабочината на брчките во кожата. Откриле дека луѓето кои имаат повеќе лојни жлезди во кожата на челото, имаат само плитки брчки. Со други зборови, се чини дека себумот од кожата ја штити кожата на челото од брчки.

Овие откритија сугерираат дека сувата кожа, која произведува помалку масло (себум) во кожата, може побрзо да развие подлабоки брчки и со тоа да старее побрзо од масната кожа.

Студија # 3: Кожата без акни може да старее побрзо од кожата склона кон акни

Во оваа студија, истражувачите сакале да видат дали страдањето од акни кај младите може да го забрза или забави стареењето на кожата подоцна во животот. Изненадувачки, тие откриле дека луѓето кои никогаш немале акни може да покажат знаци на стареење на кожата побрзо во споредба со оние кои имале акни. Со други зборови, развојот на акни може да го забави стареењето на кожата!

Прво, истражувачите испитувале женски близнаци дали некогаш страдале од акни. Потоа, анализирале примероци од крвта и кожата на жените и извршиле генетски тестови за да бараат знаци на стареење на кожата на клеточно ниво. Откриле дека жените кои немале акни имале два генетски знака дека нивната кожа може да старее побрзо во споредба со жените кои страдале од акни.

Оваа студија е фасцинантна. Но остава многу неодговорени прашања. Како акните ја штитат кожата од стареење? Или дали е само случајност што луѓето кои страдале од акни се случува да стареат побавно?

Покрај тоа, студијата не е совршена. Прво ограничување е дека истражувачите знаат само од одговорот на прашалникот на учесниците дали имале акни во младоста. Со други зборови, научниците не ја потврдиле информацијата со проверка на медицинските досиеја на учесниците. Ова остава можност за грешки. Второ ограничување е дека студијата разгледувала само женски субјекти. Со други зборови, не знаеме дали резултатите се однесуваат и на мажите.

Заедно, резултатите од овие три студии имплицираат дека сувата кожа без акни може да старее побрзо отколку масната, склона кон акни. Сепак, овие наоди се прелиминарни. И потребни ни се повеќе студии пред да можеме да донесеме цврсти заклучоци за тоа дали и колку стареењето е поврзано со различниот тип на кожа.